Еден од најталентираните македонски кошаркари Андреј Јакимовски доби позитивни оценки за своите настапи во дебитантската сезона во дресот на екипата на Вашингтон Кугарс во американската универзитетска кошаркарска НЦАА лига.

– Дебитантот ги воодушеви навивачите на „Кугарс“, им приреди големи возбудувања, а неговата колеџ-кариера е сè уште на почетокот. Откако постигна шест поени на првите три настапи, тогаш вистински почна неговата кариера во НЦАА. На следните осум натпревари просечно постигнуваше по десет поени со шут од 40 проценти за тројка, во тој период стигна и до личниот рекорд од 19 поени, на мечот против Стенфорд, пишува универзитетскиот портал „Dailyevergreen.com“ во освртот за Јакимовски, пренесува официјалниот сајт на Македонската кошаркарска федерација.

Поради пандемијата на коронавирус, македонскиот кошаркар сè уште не ја почувствувал возбудата која ја носи присуството на навивачи на трибините, но имаше можност да види и да почувствува како изгледа американската кошарка.

– Овде сите играчи се одлично физички подготвени и брзи, во Европа кошарката е повеќе тимски спорт. Пред натпреварите повеќе се грижев за мојата ментална подготовка, отколку за останатото. Овде, во Пулман, ја чувствувам енергијата кај љубителите на кошарката. Често, по натпреварите, кога се движам по улиците, ме среќаваат луѓе и викаат „Напред Кугс“. Тоа е прекрасно, изјави Јакимовски

Соиграчите и тренерите го опишуваат Македонецот како извонреден работник кој никогаш не прифаќа пораз и секогаш се труди да биде подобар. На 25 натпревари во својата дебитантска сезона, од кои 19 како стартер, Јакимовски просечно постигнуваше по 5,5 поени. Тренерот Кајл Смит за него вели дека само небото е граница и од него за оваа натпреварувачка кампања има оценка „5“.

– Мислам дека донесов вистинска одлука со тоа што ја прифатив понудата од Вашингтон. Пресреќен сум што избрав да дојдам тука и да играм за тренерот Смит, додаде Јакимовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/03/2021 14:17