Тимот на Бруклин нетс ноќеска го победи Хјустон рокетс со 120:108 и го заврши март со биланс 11-2 (победи-порази).
Нетс го повтори клупскиот рекорд, кој беше поставен во февруари 2004 година (земајќи го предвид резултатот во месецот во кој се одиграа најмалку 10 натпревари).
Победата му овозможи на Бруклин да се искачи на лидерското место во Источната конференција од НБА-лигата.
Ѕвездата на тимот од Њујорк, Џејмс Харден не го заврши мечот против својот поранешен тим Хјустон поради напнатост во мускулите на тетивите.
Харден постигна 17 поени, реализираше 8 скока и 6 асистенции за 27 минути игра, пред да го напушти теренот на 4:48 минути пред крајот на третата четвртина.
– Ние ќе ја следиме состојбата на Џејмс. Да видиме како ќе се чувствува. Засега немам што да кажам, но ние сме оптимисти и сметаме дека тој ќе биде надвор од терените кусо време, изјави по мечот, тренерот на Нетс, Стив Неш.