По едногодишна пауза поради пандемијата на коронавирус, македонскиот кошаркарски куп се враќа во календарот на натпреварувања и од оваа сезона ќе го носи името на легендарниот македонски кошаркар, Благоја Георгиевски-Буштур, кој загина во јануари лани во сообраќајна несреќа на 69-годишна возраст.

Завршницата на овогодишното издание на Купот „Благоја Георгиевски – Буштур“ во машка конкуренција, како што соопшти Македонската кошаркарска федерација, ќе се одржи од 14 до 16 мај, додека завршниот турнир во женска конкуренција е предвиден за 7 и 8 мај. И двете завршници ќе се играат во салата СРЦ „Кале“ во Скопје.

Главниот град по пауза од шест години повторно ќе биде домаќин на фајналејт-турнирот од ова натпреварување, откако завршниот турнир претходните сезони на два пати го организираа Гевгелија и Кавадарци.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2021 23:38