Спортскиот директор на Кошаркарската федерација на Македонија, Тодор Гечевски, ја отвори денешната прес-конференција за завршницата од Купот во машка конкуренција со посвета. Посвета кон оној чие име од ова издание ќе го носи националниот Куп – Благоја Георгиевски Буштур.

– Периодот што измина беше еден тежок за кошарката во Македонија. Изгубивме доста видни личности кои придонесоа за развој на кошарката и она што сме ние денеска, и кошаркари и кошаркарски работници. Од сите имиња кои ги изгубивме, едно име се издвојува, тоа е името на големиот кошаркар, тренер, спортски работник и на крајот еден голем човек – Благоја Георгиевски Буштур. Ние како раководство на федерацијата едногласно одлучивме дека неговото име треба да биде запишано во историјата, но и во иднината на македонската кошарка, па затоа се договоривме дека во иднина Купот на Македонија ќе го носи неговото име. Наша чест и обврска е да се запамети неговото име, да остане во сеќавањата на сите, да остане како пример на сегашните работници и да остане на едни идни генерации кои следејќи го неговиот пример ќе направат се за да македонската кошарка биде се поголема и поквалитетна, потенцира Гечевски.

Распоред на натпреварите:

14 мај четвртфинале: 12 часот: Пелистер – Навико ФМП Академија 14.30 часот: Работнички – ТФТ 17 часот: Еуро Никел 2005 – Гостивар 19.30 часот МЗТ Скопје Аеродром – Куманово 2009.

Полуфиналните натпревари ќе се играат на 15 мај од 17 и 19.30 часот, а големото финале е закажано за в недела од 17.30 часот.

Сите натпревари ќе се играат во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје без присуство на публика.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/05/2021 16:28