Легендарниот НБА кошаркар Коби Брајант, кој минатата година заедно со својата ќерка и седум други лица загина во хеликоптерска несреќа, постхумно е примен синоќа во Куќата на славни на свеченост што поради пандемијата на коронавирус се одржа осум месеци подоцна.
Покрај Брајант, во кошаркарската Куќа на славните, меѓу другите, влегоа и Кевин Гарнер и Тим Данкан, како и легендарниот тренер Руди Томјановиќ.
Брајант во кариерата освои пет НБА титули, 18 пати беше избиран во НБА Ол-стар тимот, а беше прогласен и за најкорисен играч во сезоната 2007./08.
– Успеа, сега си во Куќата на славни. Ти си вистински шампион. Горда сум на тебе. Ќе те сакам секогаш и засекогаш, порача во емотивниот говор на свеченоста неговата вдовица Ванеса Брајант.
– Личната статистика на Коби говори самата за себе, тој беше на друго ниво. Никогаш не одеше по пократок пат во кошарката и секогаш даваше сè од себе, додаде Ванеса.
Данкан пет пати беше шампион со тимот на Сан Антонио во кој ја мина целата своја 19. годишна кариера, а продолжи како помошник тренер.
Гарнет најголем дел од својата 21. годишна кариера во најсилната кошаркарска лига во светот ја мина во Минесота и Бостон. Настапи 15 пати во Ол-стар тимот, а шампионска титула освои во 2008 година во дресот на Бостон.