Освојувачот на купот, МЗТ Скопје Аеродром е последниот полуфиналист во плејофот на македонското кошаркарско првенство. Аеродромци вечерва во СЦ „Јане Сандански“ во крајно драматичен натпревар го совладаа Куманово по продолжение со 94:93, иако на само три минути пред крајот на основните 40, губеа со десет поени разлика (69:79).

Херој во домашниот состав беше Феми Олуџоби кој „мајсторката“ ја заврши со 37 поени и девет скокови. Хасани Гравет имаше исто така одличен меч со 23 поени и 10 асистенции.

Во поразениот тим се истакнаа Ливингстон и Црниќ со по 23 поени.

Противник на МЗТ Скопје Аеродром во полуфиналната пресметка која ќе се игра до три добиени средби ќе биде тимот на Пелистер.

Другата полуфинална двојка ја сочинуваат Работнички и Еуро Никел.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/05/2021 00:39