Спроведените контроли на сообраќајната полиција на патиштата во дебарско потврдиле дека возачите сакале да возат побрзо од дозволеното, во населено, но повеќе вон населено место.
-Во текот на вчерашниот ден, во периодот од 10:00 до 16:00 часот на подрачјето на Секторот за внатрешни работи-Охрид а во тие рамки и на подрачјето на дебарското одделение за внатрешни работи, кое со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа, беа реализирани засилени акциски сообраќајни контроли. Притоа, полициските службеници санкционирале 23 возачи на патнички моторни возила кои ја надминале дозволената брзина на движење, изјави Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.
Додава дека двајца возачи управувале автомобил со поголема брзина од пропишаната во населено место, додека останатите 21 надвор од населено место.
– Целта на контролите е подигнување на сообраќајната култура кај возачите на моторни и други возила, но и на сите учесници во сообраќајот, и доследно почитување на одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата. Истите ќе бидат интензивирани во пресрет на туристичката сезона, со цел, подигнување на сообраќајната безбедност и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи, посочи Димоски.
Исто така информираше дека во последното деноноќие на ова подрачје не е констатирано прекршување на забраната за движење од 24 до 4 часот, но се констатирани четири прекршоци за неносење лична заштита на лицето. Овој месец, вкупно 57 лица не ја почитувале мерката за носење заштитна маска и четири полицскиот час.