Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривични пријави против правно и две одговорни лица во врска со загадувањето на Дебарско Езеро, што се случи во средината на март годинава.

-Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпадни материи", Одделението за внатрешни работи од Дебар поднесе кривична пријава против правно лице од Дебар како и против Т.Д.(56) од Скопје и А.Д.(55), од Дебар, одговорни лица во правниот субјект за „несовесно работење во службата, изјави Стефан Димоски портпарол на секторот за внатрешни работи од Охрд.

Додава дека на 19 март годинава, одговорните лица, дозволиле истек на употребено моторно масло сопственост на правното лице, во градската канализациска мрежа, а оттука преку поток кај месноста „Трап венец" во водите на Дебарското Езеро.

-Со тоа, пријавените ја загрозиле животната средина и околината и постапиле спротивно на одредбите од законот за управување со отпад, законот за животна средина и од правилникот за постапките и начинот за собирање, транспортирање, преработка, складирање, третман и отстранување на отпадните масла, рече Димоски.

Загадувањето на езерото, кое негативно влијаеше врз флората и фауната, предзивика голем револт меѓу жителите на Дебар, а го осуди и Спортското риболовно друштво „Трофта", кое е концесионер на езерото.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2021 13:52