Женскиот кошаркарски клуб ,,Баскет Кам” ги исполнува условите и има просторни капацитети за натпреварување во ВАБА лигата. Ова е главната оценка на претседателот на ВАБА, Србобран Филиповиќ и директорот Урош Крањц, кои во М.Каменица остварија работна средба со градоначалничката Соња Стаменкова и претставниците од ЖКК ,,Баскет Кам”, Горан Даниловски и Јордан Цветановски.
Главниот акцент на посетата на Македонска Каменица која годинава го даде новиот македонски шампион во женска конкуренција и притоа го пријави своето деби учество во ВАБА лигата за идната сезона беше даден на условите во Спортската сала во која „Баскет Кам“ ги игра своите натпревари.
-Исто како и одличните услови во хотелските капацитети за сместување на гостинските екипи, на состанокот одржан во самата спортска сала, со раководството на клубот и градоначалничката на Македонска Каменица, констатиравме дека ЖКК ,,Баскет Кам” ги исполнува условите и има просторни капацитети за натпреварување во лигата, кажа претседателот на лигата, Србобран Дилиповиќ.
Како што додадоа претставниците на клубот со растот и развојот на кошаркарскиот клуб, Македонска Каменица прераснала во центар на македонската кошаркарска сцена.
-Ова е нов предизвик за клубот, како и огромен успех на Македонска Каменица. Упатуваме благодарност за одромната поддршка од заедницата, пред се до Општината и Рудникот Саса. Меѓународните натпревари се ново искуство за нас. Релативно сме млад клуб, но се надеваме дека успешно ќе ја претставиме Македонска Каменица во ВАБА лигата, како домаќин и ние како респектиран клуб и противник на теренот, истакнаа од управата на ЖКК ,,Баскет Кам”.
Освојувањето на двојната круна во македонската женска кошарка за градоначалничката Соња Стаменкова е доволен доказ за добриот начин на работа во клубот.
-Благодарение на „Баскет Кам“, денеска, кошарката во Македонска Каменица е на многу повисоко ниво. Како локална самоуправа сме горди на секој успех на спортистите од Македонска Каменица и спремни сме да ги поддржиме спортистите и спортските клубови во нивниот развој. Се надеваме на континуитет на успесите на „Баскет Кам“ и во ВАБА лигата, како и на успешно претставување на нашата Општина во ова силно Јадранско натпреварување, додаде Стаменкова.
Поради ваквите успеси на спортски план дополни дека поддршката на општината кон спортските клубови ќе продолжи да се зголемува.
Екипата на ЖКК ,,Баскет Кам” е освојувач на двојната круна во женскиот кошаркарски шампионат совладувајки го конкурентот Бадел кој ќе им прави друштво во Регионалното кошаркарско натпреварување.