Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром, почнува со формирање на тимот за новата сезона. Покрај Дамјан Стојановски, кој има уште една година од лани потпишаната обврска со нашиот клуб, управата на МЗТ Скопје Аеродром во изминатиов период работеше на обнова на договорите и со најзаслужните за освојување на двојната круна минатата сезона.
– Нашата екипа и во иднина ќе биде предводена од Дарко Радуловиќ, кој успешно седна на клупата кон средината на март и го предводеше однесе тимот до посакуваниот успех, откако потпиша нов едногодишен договор со гордоста на Аеродром. Во екипата најмалку до крајот на следната сезона ќе бидат и Бојан Крстевски и Адем Мекиќ, кои исто така ја продолжија соработка. Потпис на двегодишна соработка со МЗТ Скопје стави и Дамјан Робев (24 год, 195 см), зад кого е одлична сезона во Куманово, соопштија „сино-белите“.
Клубот го чека и одговорот на плејмејкерот Андреј Магдевски, кој беше избран за МВП на финалната серија од плејофот и кој од управата доби побогата понуда во однос на досегашната.