Хјуман Рајтс Воч, една од највлијателните невладини организации за човекови права, со месеци бара од Европската Унија да ги укине привремено правата на интелектуална сопственост за вакцините против Ковид-19, попознато како TRIPS Waiver или суспендирање на патентите, за да им се овозможи на сиромашните земји што поскоро да ја пребродат санитарната криза.

Но, ЕУ за сега не попушта, а се очекува Вашингтон да го зголеми притисокот врз Брисел.

Во интервју за МИА, директорот за медиуми на Хјуман Рајтс Воч (ХРВ), Ендру Стролајн објаснува зошто овој став на Унијата е опасен за глобалното здравје.

Прво дали може да објасните што е суспендирањето на ТРИПС (TRIPS waiver), односно на интелектуална сопственост, што го барате како организација, заедно со други светски организации и земји во развој? И зошто ЕУ е против?

Суспендирањето на ТРИПС е предлог на ниво на Светската здравствена организација за привремено да се суспендираат, т.е. да се укинат, некои рестрикции врз интелектуалната сопственост, значи привремено, за вакцините и некои клучни медицински производи, што ќе помогне да се ублажи и се надеваме да се стави крај на глобалната пандемија.

Европската Унија, како и други богати влади, како Обединетото Кралство, Норвешка, Швајцарија и други, се противат на ова и се повикуваат на низа причини, кои во некои случаи се целосни лаги, а во некои случаи се и намерни заблуди и дезинформации. Тие ги поддржуваат патентите затоа што имаат приод кон глобалната пандемија на „профит прво“, односно производството на вакцините и капацитетите за тоа производството да се остават во рацете на тие фармацевтски монополи, кои искрено не произведуваат доволно вакцини за светот. Секој знае дека има недостаток на вакцини. Тоа е накратко.

Кои се главните аргументи што ги дава ЕУ за да одбие укинување на ТРИПС?

Аргументите што ги нудат се фокусирани на серија ставови кои ги повторуваат со месеци и месеци, кои целосно беа соборени. Велат дека прашањето на интелектуална сопственост не е проблемот, и покрај тоа што студија по студија е докажано дека е. Ова е засновано на ставови на експерти за јавно здравје, медицински експерти. Така што, да, интелектуалната сопственост е бариера за зголемување на производството, најверојатно и единствената.

Никој не вели дека е магично решение. ЕУ вели „да, но дури и да се суспендираат патентите привремено, би требало време да се етаблира производството на многу места во светот“. Експертите велат дека се потребни три месеци да се подготват објекти за производство, можеби 4 до 5 месеци. Но ЕУ и другите го блокираат и одолговлекуваат суспендирањето на ТРИПС девет месеци. Така што целиот тој аргумент дека треба време не држи.

Велат исто така дека прашањето е да се споделуваат подобро вакцините, од страна на САД и други земји, кои не споделуваат доволно, што е фер забелешка. Има земји што прават залихи од вакцини и се обвинети дека ги монополизираат. Точно е дека има вакцини што не се користат, тоа е лудо. Но бројот на вакцини што се сметаат за заштеда се десетина милиони, можеби и стотици милиони, но на светот му се потребни 11 милијарди вакцини според Светската здравствена организација, а најверојатно и повеќе, затоа што фармацевтските компании сега зборуваат за трета доза. Богатите земји ќе речат „дали треба да ги дадеме стотиците милиони вакцини или треба да ги зачуваме за третата доза што ја препорачуваат фармацевтските компании?“. Побарувачката продолжува да расте, но доставата, која е одредена од производството, не се зголемува.

Уште еден аргумент на кој се повикуваат е дека ако се укинат патентите привремено тоа ќе и наштети на иновацијата, тоа воопшто не е случај. И од каде доаѓа иновацијата за вакцините? Импресивно е што тие компании ги развија вакцините за доста брзо време, но од каде доаѓа таа иновација? Од милијарди и милијарди јавни пари, а тоа се нашите даноци кои ги платија овие вакцини, не го сторија тоа од добрината на нивните срца. И во иднина ќе треба најверојатно повторно да ги платиме. Но, ЕУ упорно стои до фармацевтските компании и ја брани нивната интелектуална сопственост до екстремна точка, што е штетно за здравјето на целиот свет.

Пред да навлеземе во причините зошто ЕУ се противи, сакав да ве прашам во кои случаи претходно се укинати овие рестрикции врз интелектуалната сопственост?

Се случи тоа со лековите за ХИВ, патентите се укинаа и тоа масовно помогна во овој специфичен случај. Постои преседан за ова. Треба да се укаже на тоа дека Светската трговска организација овозможува да се прават овие работи, нема потреба да се измислуваат нови трговски правила за да може да случи. Се случувало и на помало ниво порано.

Кој е ставот на САД по ова прашање?

Долги месеци САД беше на страната на богатите влади и ја имаше потполно истата политика како ЕУ, Обединетото Кралство и другите, до почетокот на мај оваа година кога администрацијата на Бајден рече дека укинувањето на ТРИПС би било добра идеја и тоа повлече други земји да им се придружат на САД. Огромното мнозинство земји во светот се за суспендирање на ТРИПС, над сто земји, вклучително Јужна Африка и Индија кои начелно и ја предложија идејата и сега се дискутира текст во Светската трговска организација, значи има дебата за ова сега, за стратегиите за вакцинација, но ЕУ и другите се обидуваат да ги забават и да ги попречат овие преговори на секој можен начин.

Зошто ЕУ има ваков став и зошто е толку врзана за фармацевтското лоби?

Има разни ставови меѓу земјите членки. Франција го поддржува суспендирањето на ТРИПС, Европскиот Парламент исто така, Полска отсекогаш давала поддршка, разни земји, Шпанија, министри од Холандија, Белгија, итн. Има многу претставници на највисоко ниво во ЕУ што го поддржуваат укинувањето на ТРИПС.

Но, одлуките за трговија ги носи Европската Комисија, таа е фокусната точка. И тие уште се доминирани од ставот на Германија. Германија е најсилниот глас во обликувањето на политиките во оваа област. Секако и односите на врвот на Европската Комисија со Германија се многу добри. Но, ова е повеќе од тоа. Ова е филозофија, идеологија на одреден начин на водење на работите.

Ова е специфичен проблем на глобална пандемија без преседан во нашите животи. Ова е вонредна ситуација која бара вонредно решение. Но, Германија се врати на стариот начин на функционирање, заштита на германските бизниси, без да ја разбере вонредната природа на ова криза.

Не ја разбира или не сака да ја реши? Може ли да кажеме дека Европската Комисија има интерес да се пролонгира пандемијата?

Не мислам дека некој би рекол дека нивната првична цел е да се пролонгира пандемијата, се разбира. Но, нивната политика ја пролонгира пандемијата и тие тоа го знаат. Паметни луѓе се. Знаат дека ако се стесни производството на вакцини ќе има недостиг и дека земјите ќе се „тепаат“ за овие ретки ресурси. Знаат дека нема да има доволно за сите и дека ако нема доволно вакцини доволно брзо за цел свет, ако светот не е вакциниран доволно брзо, знаат дека ризикот од појава на нови соеви расте со текот на времето.

Времето му оди во прилог на вирусот во однос на појава на нови смртоносни и позаразни соеви кои се поотпорни на сегашните вакцини. Тоа го знаат. Нивната цел не е да се пролонгира пандемијата, но знаат дека последиците на нивните политики ќе доведат до тоа.

Дали е тоа поврзано делумно за огромното влијанието на фармацевтското лоби во ЕУ институциите? И дали решението е да се променат правилата за транспарентност во овие институции или тоа не е доволно?

Недостатокот на транспарентност е огромен проблем од почетокот на оваа пандемија. Владите склучуваа договори за вакцините кои остануваат многу нетранспарентни. Не знаеме колку е потрошено, колку по доза, не знаеме какви ветувања им се дадени на компаниите.

Би било од помош да бидат искрени за тоа што го прават. Дури и тоа што го знаеме за средбите во Европската Комисија… Една организација направи анализа за тоа со кого се сретнува Европската Комисија затоа што овие работи се достапни. Тоа се десетици и десетици состаноци со фармацевтското лоби и компании и речиси ниеден со кој било што има различно мислење, значи со експерти за глобално здравје, медицински експерти.

Другото прашање е дали е тоа причината? Мислам дека идеолошкиот пристап на луѓето во Европската Комисија и луѓето кои таа ги слуша, посебно Германија, е идеолошки пристап на „вообичаен бизнис“.

Есента се ближи, делта сојот е сеприсутен. Дали мислите дека делта сојот можеше да се избегне ако Европската Унија прифатеше укинување на ТРИПС?

Ова е алтернативна историја. Нема директен доказ. Има повеќе фактори кои одредуваат. Ако ги укинеа ТРИПС веднаш штом тоа беше предложено, односно пред 9 месеци, ќе имавме поголемо производство на вакцини денес, што значи дека повеќе луѓе ќе беа вакцинирани. Зборуваме за веројатности, не за апсолутност.

Кога зборуваме за веројатноста за појава на нови соеви, клучниот фактор е времето. Веројатно е да се појави нов сој за два месеца, уште поголема е веројатноста да се појави за три месеци, уште поголема за четири месеци, итн. Зборуваме за веројатности, така што што повеќе вакцини се произведуваат, толку повеќе вакцини имаме, повеќе луѓе можат да се вакцинираат, и сѐ помала е веројатноста да се развијат нови соеви.

Очекувате ли зголемен притисок од САД врз ЕУ да го прифати укинувањето на ТРИПС?

Се надеваме. Ангела Меркел оди во Вашингтон оваа недела и сите се надеваме дека Бајден и неговите луѓе ќе вршат притисок врз неа за да почне да гледа на оваа пандемија како што гледаат САД, иако и таму не е совршено. Да ги натераат Германија и ЕУ да го гледаат ова како вонредна состојба од вонредна природа и како таква да ја третираат. Така што, да, се надеваме дека Вашингтон ќе направи притисок врз Берлин и Брисел.

Што одговарате на аргументот дека мРНА вакцините како Фајзер и Модерна се премногу комплицирани технологии за помалку развиените земји и дека е бескорисно да се укинат патентите во овие случаи?

Прво ова е неточно. Еден од најголемите производители на вакцини во светот е Индија, која не е западна земја, не е дел од глобалниот Север. Ако читате што велат експертите за овие вакцини ќе видите дека е можно. И не се само вакцините, има низа медицински производи за кои е потребна технологија, но експерти велат дека може да се направи за три месеца, дека воопшто не е невозможно.

И, конечно, ова е еден инхерентно неоколонијален, дури и расистички пристап во ЕУ. Прилично е мрачно и грдо, да бидам искрен. Ние го имаме сето знаење и капацитет, ние знаеме што правиме, вие не знаете. Ние сме способни, вие не сте. Ние ќе го сториме ова и ќе ви помогнеме со добротворни дела, но ние одлучуваме, и тоа е навистина еден неоколонијален пристап кој е вознемирувачки. И присутен е во целокупното размислување во позадина: тие не се способни, не знаат, ние ќе им помогнеме со неколку милиони дози тука или таму. Но, ова не е ситуација во која е потребно правење добротворни дела, оваа ситуација бара многу потемелен пристап.

Сакам да прашам за Западниот Балкан, ветените дози во регионот стигнаа многу подоцна од ветеното и се чини дека не се доволни, што ги доведе земјите од регионот да се свртат кон кинески и руски вакцини кои не се секогаш одобрени на ЕУ или глобално ниво. Како го коментирате односот на ЕУ кон Западниот Балкан за вакцините?

Ова е точно тој неоколонијален пристап: треба да не обожавате затоа што сме толку широкогради што ви ги дадовме овие вакцини. Вознемирувачки е. Она што би го кажал за Русија и Кина, и ова што ќе го кажам не се однесува на човекови права, туку е геополитика, и не е нешто со што се занимава организација за човекови права, но знам дека кај некои дипломати кои го разбираат овој проблем има свест дека ако не им се помогне на луѓето онака како што имаат потреба да им се помогне, кога се забавува производството на вакцините, тоа отвора простор за Русија и Кина да ја водат нивната вакцинална дипломатија.

Има луѓе во Брисел кои се свесни и загрижени за ова, а има доста многу луѓе во тие таргетирани земји кои исто така ја разбираат оваа динамика и се внимателни во однос на влијанието на Русија и Кина во нивните земји. Овој аргумент е геополитички, но со сигурност многу луѓе се загрижени поради ова.

И за крај сакам да ве прашам зошто како организација не се залагате за целосно укинување на каква било интелектуална сопственост, и на сите патенти, а не само привремено суспендирање како што е ТРИПС?

Мислите воопшто за сите производи или за Ковид? Затоа што ние велиме дека треба да биде привремено укинување не само за вакцините, туку за цела низа здравствени производи и сѐ што би помогнало да се стави крај на пандемијата побрзо и тоа треба да биде приоритет на сите земји. Што сакаме да направиме? Сакаме да ставиме крај на пандемијата. Во ред, кои алатки ќе ни помогнат за тоа? И потоа да се искористат сите достапни алатки. За мене тоа е логично. Не велиме да се укинат патентите на неколку, две три, специфични вакцини, бараме широко укинување на ТРИПС врз бројни производи кои ќе придонесат да заврши оваа глобална пандемија.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/07/2021 10:42