Франција е вториот финалист на олимпискиот кошаркарски турнир, откако попладнево во неизвесен натпревар ја совлада Словенија со 90-89 (27-29, 15-15, 29-21, 19-24).

Противникот на САД во финалето беше одлучен во драматичен финиш во кој Франција влезе со предност од 90-85 на 56 секунди до крајот.

Словенците не се предаваа и на 23 секунди пред крајот ја намалија негативата на само поен.

Де Коло не реализираше за Франција во следниот напад и на Словенците им преостана цел напад и 21 секунда за победа.

Топката беше во рацете на Лука Дончиќ се до последните пет секунди, кога најдобриот словенечки кошаркар го проигра Клемен Препелиќ пред кого беше отворен пат кон кошот. Несудениот словенечки херој тргна кон рутински положување на топката, но од зад грб се појави Николас Батум и со чиста блокада во завршните секунди ги донесе Французите до нивното второ олимписко финале во историјата.

По 17 последователни победи, Лука Дончиќ го претрпе првиот пораз во словенечкиот дрес, а натпреварот го заврши со 16 поени, 18 асистенции и 10 скокови.

Машкото кошаркарско финале меѓу САД и Франција е на програмата в сабота, со почеток во 4:30 часот по средноевропско време.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/08/2021 16:49