Селекторот на македонската машка кошаркарска репрезентација Драган Бајиќ ги анализираше двете пријателски натпревари одиграни против Црна Гора во Скопје, во кои „црвено-жолтите“ во првиот претрпеа висок пораз од 59:81, а во вториот се реваншираа со триумф од 65:58.
-Она што во подготовката за овој втор меч им го реков на играчите е дека нивото на агресивноста во одбраната мора да го држиме високо низ целиот тек на натпреварот, да бидеме сконцентрирани на задачите за кои се договоривме, и да се обидеме да го сведеме бројот на загубени топки на минимум, го реализиравме. Можам да бидам задоволен со поголем дел од реализираното. Но сметам дека имаме уште поголем простор за напредок во играта, истакна Бајиќ во изјава за официјалниот сајт на Македонската кошаркарска федерација.
Бајиќ, притоа, особено ја потенцираше атмосферата во репрезентацијата.
-Морам да ја истакнам сјајната атмосфера во тимот, и односот на играчите кон дресот кој го носат. Како на натпреварите, така и на тренинзите. Како тренер сум многу среќен поради тоа и сметам дека само со еден таков однос ќе дојдеме до целта којашто си ја поставивме пред себе, додаде Бајиќ.