Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација е разочаран од односот на Ненад Димитријевиќ кој одби да се појави на подготовките за мундијалските претквалификации.

– Го повикав и му објаснив дека ни е неопходен. Од неговиот менаџер ми беше побарано Димитријевиќ на 28 јули да се приклучи на репрезентацијата зато ашто му бил потребен подолг одмор. Се согласив, иако ми е чудно такво нешто за момче од 23 години. Потоа Ненад не дојде ниту на договореннито датум. Јас нема да барам казна за него и ќе оставам македонската јавност да суди за неговата постапка. Само би кажал дека примери за тоа како треба да се однесуваме кон националниот дрес се Горан Пандев и Кире Лазаров, изјави Бајиќ.

Македонскиот селектор ги пофали играчите кои максимално ангажирано ги одработија досегашните подготовки.

– Сакам да го истакнам односот на сите кошаркари за репрезентативниот дрес. Задоволен сум и за пофалба е нивната работа во овие подготовки како и дисциплината и нивното залагање на тренинзите. Ниеден играч не паузираше повеќе од еден ден, сите имаа желба да се вратат што побрзо и да продолжат со тренинзите. Во поглед на натпреварите, ни беа откажани неколку дуели поради што не бевме во можност да го одработиме тоа што ни беше потребно. Благодарност до Црногорците кои прифатија да дојдат до Скопје затоа што на нашите момци им беше потребно да ја видат цврстината и формата на противниците во овој момент. Ривалите во овие претквалификации одигра по 5-6 дуели, но без разлика на тоа, ние подготвени ги очекуваме претквалификациите. Не планирам да барам алиби и покрај тоа што не можеме да сметаме на неколку важни натпревари, додаде Бајиќ.

Ривали на „цревно-жолтите“ во претквалификацискиот турнир во Скопје ќе бидат Словачка и Швајцарија. Ќе се одиграат по два меѓусебни натпревара, а двете првопласирани ќе изборат учество во главните квалификации за Мундијалот 2023.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/08/2021 16:19