Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Драган Бајиќ стигна до својата прва победа како предводник на националниот тим. По поразот од Швајцарија на 12 август, „црвено-жолтите“ синоќа ја совладаа Словачка во претквалификациите за Светското првенство 2023.

– Честитки за момците за добриот натпревар. Благодарност и до публиката, тие беа еден голем ветер во грбот. Се надевам дека со Швајцарија ќе бидат во што поголем број. Имавме малку време за подготовка, ама максимално одговорија кошаркарите на сите задачи. Освен во втората четвртина, во другите бевме добри. Сосема заслужена победа. Сега следи Швајцарија, со која имавме голем притисок во првиот натпревар. Јас не им го создадов, туку целиот нов тим. Во последните два дена работевме да го тргнеме притисокот и работите испаднаа добро. Исто и оваа победа ништо не ни значи, како оној пораз од Швајцарија. Не се плашиме од никого, така ќе биде и понатаму. Се што е добро им препишувам на играчите, се што е лошо оди на моја душа, изјави Бајиќ.

Вториот дуел со Швајцарија, македонските кошаркари ќе го имаат утре од 19 часот, повторно во СЦ „Јане Сандански“.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/08/2021 17:01