По успешната мисија на македонската женска кадетска кошаркарска репрезентација (У16) на ФИБА „Челенџер“ турнирот кој се одржа во Тбилиси, Агенцијата за млади и спорт организираше прием за дел од тренерскиот и играчкиот тим.

Четири максимални победи за избраничките на селекторот Никола Златев на „балонот“ во главниот град на Грузија беа доволни за освојување на трофејот на македонските кошаркарки.

– Вашето остварување е показател дека имаме квалитет во младинските категории, истакна Наумче Мојсовски. Агенцијата за млади и спорт ќе направи напори, со добра соработка со националните спортски федерации да се овозможи овие млади категории да бидат дел од сениорските тимови и иднината на македонскиот спорт, истакна Мојсовски.

Селекторот Златев потенцираше дека со оглед на фактот колку мала нација сме и колку е тесен изборот, девојките покажаа дека кога се игра со срце, успехот не изостанува.

Тој изрази загриженост за фактот дека ова е возраста во која девојките во спортот најчесто се откажуваат и дека со заеднички напор и соработка со сите клубови, национални спортски федерација и секако Агенцијата за млади и спорт треба да се обидеме да ги задржиме овие спортски таленти и со правилна работа да се обидеме да ги мотивираме во понатамошното спортување и од нив да направиме квалитетни сениорки.

На приемот свое обраќање имаа и Љубица Бошкова и Марија Николов, претставнички на тимот, како и тренерот на селекцијата Ведран Велешковски.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/08/2021 20:28