Гостиварскиот кошаркарски прволигаш ги започна подготовките за претстојната натпреварувачка сезона. На првата прозивка во салата „Младост“ денес дојдоа играчи кои претходната сезона беа костур на тимот и новите членови.

Шефот на стручниот штаб, Александар Јончевски се надева дека во овој период заедно со управата ќе создаде тим што ќе биде респектиран од противниците и ќе стигне во погорните позиции на табелата.

– Важно ми е целиот „ростер“ да биде во оваа фаза на подготовките. Па така, покрај создавањето на стратегии да направиме подобро вклопување на играчите, особено за оние кои доаѓаат од други средини. Невообичаено е што еден клучен играч пред самиот почеток на подготовките побара и го напушти клубот. Заедно со управата ќе се обидеме да ја пополниме таа празнина. Идната недела се надевам дека и местото „плејмејкер“ ќе се пополни, бидејќи веќе се завршени преговорите, изјави Јончевски.

По двонеделните подготовки, ќе следуваат и контролни натпревари преку кои ќе се создава тимот и системот на игра. Стратегот на гостиварци потврди дека стартот на овогодишната првенствена сезона сè уште не е прецизиран, но очекува тоа да биде на почетокот од октомври.

Деновиве КК Гостивар беше тема во спортските кулоари, откако на два дена пред почетокот на подготовките, неочекувано клубот го напушти Александар Костоски (33). Тој изминативе три сезони беше клучен играч и имаше значаен придонес во постигнатите резултати на гостиварци.

Амбициите на КК Гостивар според шефот на стручниот штаб оваа сезона е да се стигне до натпреварување во суперлигата односно „топ шест“, а како краен дострел е влез во плејофот. Јончевски смета дека сега е рано да се проценат вистинските можностите на тимот, иако во него има звучни имиња и искусни кошаркари.

На првата прозивка во спортската сала „Младост“ се појавија играчите: Дејли Мејши, Марјан Јанески, Ренато Димитриевски, Војче Лефкоски, Виктор Ефремовски, Александар Тодоровиќ, Златко Јовчески, Никола Заревски, Тома Стојаноски, Василије Серафимоски, Војче Василевски, Роберт Димитриевски и Никола Силаџи.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/09/2021 23:10