Ден откако стана моден спонзор на македонските олимпијци, турската компанија „Кигили“ попладнево потпиша договор за соработка и со Македонската кошаркарска федерација и во следните години ќе се грижи за имиџот на националните селекции.

Договорот за соработка во Скопје го потпишаа претседателот на Федерацијата Перо Антиќ и извршниот директор на турскиот моден бренд Хилал Суредем.

– Во оваа прилика, сакам да изразам посебна благодарност до извршниот директор Хилал Суредем и компанијата „Кигили“, коишто го пронајдоа својот интерес за заедничка, а се надевам на долгогодишна соработка со нашата федерација. Практично од денеска заедно со нашиот нов партнер, да тргнеме кон уште подобри резултати, и да славиме нови успеси на македонската кошарка. Ќе ја имаме таа чест да придонесеме за оваа компанија, која во деновите кои следуваат и во вистинска смисла на зборот, ќе се грижи за имиџот, не само на федерацијата, туку и многу други кошаркарски сегменти, да биде навистина присутна, да биде почитувана, да биде дел од нашиот успешен тим во периодот којшто следува, изјави Антиќ.

Првиот човек на „Кигили“ им посака во иднина многу спортски успеси на македонските кошаркари во новата облека.

– Би сакал да му се заблагодарам на претседателот на Македонската кошаркарска федерација Перо Антиќ, што нè нагостивте тука во Скопје. Македонија е наша сестринска земја, блиски сме географски, но и со слични културни вредности. Многу сме среќни што сме тука и го зајакнавме овој афинитет како официјален спонзор за облека на кошаркарската репрезентација. Како најголем бренд за машка облека во Турција, потпишуваме добра соработка, и посакувам нашиот договор да биде поволен за двете страни, изјави Суредем.

Тој додаде дека брендот секогаш стои зад спортистите и ги поддржува тимовите во Турција, но и во странство.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/09/2021 23:42