Со натпреварите Баскет КАМ – Војводина и Бадел 1862 – Монтана, вечер стартува 21. сезона од женското регионално натпреварување, ВАБА-лига.

Македонскиот шампион и освојувач на купот, екипата на Баскет КАМ од Македонска Каменица вечер во Скопје, во СРЦ „Кале“ од 18 часот ја пречекува новосадска Војводина.

– Очекувам добар натпревар, со целосно почитување на екипата на Војводина 021. Секако, станува збор за клуб кој негува српска школа на кошарка, и игра добра кошарка. Што се однесува за нашата екипа, се надевам дека од натпревар во натпревар ќе играме се подобро и подобро. Тоа е целта, да се види прогрес. Да градиме играчи, да градиме тим, вели Александар Алексиев, тренерот на македонскиот шампион.

Еден час подоцна (19 часот), во салата „Независна Македонија“ во Кисела Вода, Бадел 1862 е домаќин на бугарската Монтана.

– Очекуваме оваа сезона да дојдеме до првите победи. Со крајна цел, пласмaн во Суперлигата. Што се однесува до вечерашниот натпревар, фаворитската улога ѝ ја препуштаме на гостинската екипа, Монтана. Екипа која во изминатиот период беше постојан учесник на завршните турнири од ВАБА-лигата. Но тоа не значи дека однапред ќе се предадеме, напротив… Кошаркарките се крајно мотивирани и убеден сум дека ќе дадат се од себе за остварување на подобар резултат и што подостојно премиерно претставување на почетокот на сезоната, изјави Перо Стамески, тренерот на „баделки“.

До крајот на календарската 2021 година, ќе се игра во две групи (по осум екипи), потоа најдобрите осум продолжуваат во Суперлигата. Кон крајот на март, ќе се игра финалниот турнир на кој ќе играат четирите најдобри екипи.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/09/2021 16:49