Женскиот кошаркарски клуб ,,Клупски Патриот” забележа нова победа во Првата Б кошаркарска лига на Р.Македонија, во која од почетокот на сезоната досега има остварено три победи. Во последниот натпревар, како што информираше тренерот Љупчо Петровски, делчевки како домаќини забележаа убедлива победа од 71:42 над тимот на ЖКК ,,Тим Арена”.
– Натпреварот се одигра вчера во салата ,,Методи Митевски – Брицо” во Делчево, каде ја остваривме вкупно третата победа од почетокот на сезоната. Победата ја навестивме уште по првите 2 четвртини, во кои имавме двоцифрена разлика. Најефикасен поединец на натпреварот беше 15 годишната репрезентативка Ана Ангеловска која постигна 18 поени и две тројки, додека уште 4 кошаркарки имаа двоцифрен ефект, рече Петровски.
Со новата победа, делчевки кои имаат натпревар помалку се наоѓаат на високото трето место на табелата.
– Верувам дека со силна и цврста борба, во понатамошниот дел од сезоната, кошаркарките ќе водат силна бирка за враќање во најсилното по квалитет натпреварување, додаде Петровски.
Освен во Првата Б лига, екипата од Делчево вчера одигра натпревар и во У-14 конкуренција, во кој на домашен терен беше поразена од врсничките од Тим Арена.