Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Драган Бајиќ изрази оптимизам пред почетокот на квалификациите за Светскиот куп 2023 и покрај силните ривали во групата.

– По моето доаѓање најавив дека ќе го подмладуваме тимот и истовремено ќе се бориме да имаме подобри резултати. Овој циклус, со вакви звучни имиња, сигурно добро ќе му дојде на тимот и на оваа селекција за следниот период. Го пропуштивме претходното ЕП, но се надевам дека ќе играме понатаму. Имаме сериозни ривали како Шпанија, Грузија, Украина. Нема да биде лесно, но јас сум човек-оптимист и верувам во она кое го работам. Во кариерата сум победувал посилни со многу полоши тимови, изјави Бајиќ за веб-страницата на КФСМ.

Селекторот вели дека на првиот меч против Шпанија, на 26 ноември многу битна ќе биде самодовербата.

– Во првиот натпревар против Шпанија мора да влеземе со голема самодоверба и мотивација затоа што се носи дресот со државниот грб и ако ни се даде шанса, да изненадиме. Мора да бидеме реални, Шпанија со кој било тим да дојде, мора да имаме максимален респект кон тој ривал. Во ростерот се играчи кои играат во големи клубови. Но, мора да веруваме во нас и се надевам дека публиката ќе дојде во голем број и ќе биде наша поддршка.

Средбата со Шпанија ќе се игра в петок во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје со почеток во 19:30 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2021 13:50