Откако летоска успешно ги мина претквалификациите во групата со Швајцарија и Словачка, македонската кошаркарска репрезентација вечерва против бранителот на титулата Шпанија ја започнува втората фаза во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2023 година.

„Црвено – жолтите“ го пречекуваат светскиот првак во подмладен состав во кој недостасуваат Ѓуроски, Зекири, Младеновски, Војдан Стојановски, Трајковски и Димитријевиќ, но селекторот Драган Бајиќ пред вечерашниот натпревар во салата „Јане Сандански“ во Скопје (19:30 часот) изрази умерен оптимизам.

– Посебен мотив за Шпанија не е потребен, а и самиот репрезентативен дрес треба да е голем мотив. (Во мојата тренерска кариера) сум победувал посилни екипи со послаб тим. Шпанците имаат силен тим, а ние ќе се обидеме да ја спречиме нивната игра во транзиција и да играме со побавно темпо, порача Бајиќ.

Натпреварот е во рамки на квалификациската група Г, во која противници на македонските кошаркари се и репрезентациите на Украина и Грузија.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/11/2021 12:32