Македонската кошаркарска репрезентација го одржа единствениот тренинг во „Палатата на спортовите“ во Киев каде вечерва од 18 часот го игра вториот натпревар во рамки на групата Г за пласман на Светското првенство во 2023 година.

Двете селекции го дочекуваат вечерашниот дуел со стартни порази во квалификациите, откако избраниците на Драган Бајиќ загубија во петокот во Скопје од светскиот првак Шпанија (65:94), додека Украина со пораз се врати од гостувањето во Грузија (88:83).

– Украина играше со Грузија и пружи добар отпор. Имаат одличен ростер и доста искусен тренер. Сигурно е дека далечното патување ни создава и дополнителни проблеми, затоа што времето за анализа и подготовка ќе биде навистина кратко. Искрено, сите наши подготовки беа за средбата со Шпанија. Како и да е, тука сме со намера да пружиме некој наш максимум и со амбиции, со намера да пробаме да го добиеме овој натпревар. Со уверение дека од натпревар во натпревар овој тим ќе расте и ќе расте. Атмосферата во екипата е навистина добра. Работам со доста карактерни момци, и навистина сум задоволен. И уживам во работата поради која сум овде, изјави македонскиот селектор Бајиќ пред дуелот со Украинците.

Еден од предводниците во „црвено – жолтиот“ дрес, Џејкоб Вајли, најави дека очекува тежок натпревар во Киев.

– Што може да се очекува од овој натпревар? Украина има доста добар тим, и сигурно е дека не очекува еден тежок меч. Ова е уште еден предизвик за нашиот млад тим, да покаже дека навистина може да игра против вака силни репрезентации, како на пример, шпанската. Она што се очекува од нас е да се бориме за секоја топка, за секој посед, сите да ја дадеме енергијата на теренот, па ќе видиме што ќе излезе од сето тоа. Мора да го имаме оној натпреварувачки дух потребен за вакви натпревари во кои се бориме за пласман на Светскиот Куп, посочи Вајли.

Во вториот натпревар од групата Г, вечерва од 20:30 часот, во Хуен, Шпанија ја пречекува селекцијата на Грузија.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2021 12:34