Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Драган Радуловиќ, ги изнесе своите очекувања од денешниот дуел против словенечкиот Хелиос Домжале (15 часот) во рамки на воведниот натпревар на турнирот во Сараево од 5. коло во АБА 2 лигата.
– Нема да ни биде лесно на турнирот во Сараево, особено што ќе настапиме со скусена ротација поради повредата на Кристијан Николов. Хелиос игра одлично, со добра ротација и квалитетни кошаркари, кои се многу искусни. Ќе се обидеме да ги спречиме нивните поени од контранапади, а истовремено ќе пробаме да наметнеме наш стил на игра со темпо кое го посакуваме. Ако бидеме фокусирани и ако енергијата ни биде на посакуваното ниво, тогаш ќе можеме да се надеваме на победа. Мотивирани сме максимално и очекувам добар настап на целиот турнир, изјави тренерот на македонскиот шампион Радуловиќ.
По воведните четири кола, МЗТ Скопје има ефект од три победи и еден пораз, и е бодовно израмнет, едно место подолу од четвртопласираниот Хелиос.