Женскиот јуниорски состав на кошаркарски клуб Крива Паланка синоќа оствари значајна победа на гостувањето кај ЖКК Бадел 1962 во Скопје. Натпреварот се одигра во спортската сала на основното училиште „Невена Георгиева Дуња”, а паланчанки беа подобри во финишот на натпреварот и направија пресврт за конечни 60:62.
– Нема подобар начин да се заврши првиот дел од сезоната во младинските лиги отколку со победа. Она што го карактеризира денешниот натпревар е отсуството на неколку наши стартни играчи поради здравствени причини, но тоа не беше пречка тимот предводен од извонредниот состав: Алексовска, Стоевска, Додевска, Станојковска, Цветковска, Стојковска и Стоименова, да одигра еден од можеби најдобрите и воедно најнеизвесен натпревар сезонава. Во поголемиот дел од мечот преовладуваше резултатска изедначеност, со промена на водството на двете страни, а неизвесноста траеше до последната минута, кога сепак Алексовска со клучните поени го донесе пресвртот и водството на наша страна, за краен резултат 60:62. Им честитам на девојките за одличната игра, пожртвуваноста и вољата што ги прикажаа денес, изјави Мирослав Ивановски, тренер на КК Крива Паланка.
Од клубот истакнаа дека со овој натпревар се заокружени сите натпреварувања во младинските лиги во кои настапуваат во женска конкуренција, каде се натпреваруваат во М-14, М-16 и М-18 лигата,а во сениорска конкуренција во третата лига мажи, каде исто така е пауза, додека во прволигашката женска конкуренција КК Крива Паланка завчера ја заврши полусезоната со мечот против ЖКК Вардар, каде претрпеа пораз.