Мојот принцип на работа е да има различна содржина во секое следно дело. Првата мисла е да не им биде здодевно на читателите со тоа што новиот роман ќе наликува на претходниот, а потоа дека чувствувам потреба јас самиот како автор да шетам меѓу жанрови за да го допрам „следното“ мое скалило. Ова во интервју за МИА го посочува Душко Трифуновски, автор на романот „За два дена рече ‘да’“ и драмските дела „Слана / Јазол“. Неговиот најнов роман е „Девојката од автобусот“.

Романот „Слана“ е објавен во 2015 година, а една година подоцна е драмски преработен, што на Трифуновски му ја донесе наградата „Книга со трајни семејни вредности“ на литературната манифестација „Охридијада“.

Оваа година, драмата е проширена со уште една нова, а заедничко на „Слана“ и „Јазол“, како што објаснува писателот, им е денешницава, реалноста, секојдневието на секој човек.

Освен што се занимава со пишување, Трифуновски е и дипломиран наставник по македонски јазик. Тој објаснува дека последниве неколку години помладата публика веќе знае што сака да чита и влегува во книжарница со веќе оформен стил и вкус.

– Тргнувам од нив бидејќи тие се основата на читателската публика. Честопати добивам пораки од луѓе кои воопшто немале навика да читаат книги поради обврски, семејство итн., но сега имаат време да прочитаат книга, без разлика дали е електронска или печатена. Само поради овој момент има нешто позитивно во ковид-ситуацијава, а тоа е дека имаме повеќе време за себе и за релаксација, вели Трифуновски за МИА.

Инаку, тој работи и во најголемиот синџир книжарници „Литература.мк“ веќе неколку години, а автор е во „Арс Ламина“ пет години.

Трифуновски со месеци работи на книги што ќе бидат жанровски различни, но како што вели, потребни се години за еден таков проект да биде остварен.

– Неколку месеци работам на книги што ќе бидат жанровски различни, но сè уште е рано за тоа. Потребни се години работа за еден таков проект да биде остварен. Веќе имам нов роман, кој цела 2021 година чека да биде промовиран, а тоа е „Девојката од автобусот“, вели писателот во интервјуто за МИА.

Какви теми обработуваат вашите дела и од каде црпите најмногу инспирација за нивно создавање?

– Мојот принцип на работа е да има различна содржина во секое следно дело. Првата мисла е да не им биде здодевно на читателите со тоа што новиот роман ќе наликува на претходниот, а потоа дека чувствувам потреба јас самиот како автор да шетам меѓу жанрови за да го допрам „следното“ мое скалило. „Слана“ обработува реалистична тема, секојдневна современа семејна проблематика на секој човек, за да продолжат во „Јазол“ надреалноста и натурализмот. Кога се заситив од таа тема, посакав да направам разбистрување на умот и ја напишав романтичната комедија „За два дена рече ‘да’“, која се покажа успешна и наградена од УНЕСКО во 2017 година. Инспирација црпам од ликовите кои ги познавам, од реалните ликови околу мене, бидејќи главните ликови најчесто ми се роднини или блиски пријатели. Тие секогаш дознаваат последни дека има приказна за нив. (ха-ха)

Неодамна ја промовиравте книгата со двете драмски дела „Слана / Јазол“, во издание на „Арс Ламина“. Кажете ни нешто повеќе за приказната за секоја од овие две драми, што ги спојува во едно издание?

– „Слана“ ја објавив првпат како роман во 2015 година, веднаш по матурата, и за неа често добивав коментари во стилот: „Роман што одговара за автор од 50 години.“ Токму поради тоа, една година подоцна направив драмска преработка за која добив награда за „Книга со трајни семејни вредности“ на литературната манифестација „Охридијада“. Оваа година ја проширив драмата со уште една нова, бидејќи секоја година си носи нешто ново во мене како автор. Заедничко им е денешницава, реалноста, секојдневието на секој човек. Главниот лик, таткото Злате, не знае како да се справи со седумчленото семејство и погрешно ги воспитува, а подоцна неговата почината сопруга се враќа од пеколот како сениште во неговата глава за да му ги покаже сите недостатоци како „добар татко“. И тоа, на комичен и сатиричен начин. На некој начин, ова е приказна за секое семејство кое има цврсто стебло и длабок корен.

Од каде идејата за создавање вакви драмски дела? Дали станува збор за вистински настани?

– Идејата за пишување драми се појави за време на моите студии по македонска книжевност, по предметот Теорија на литература. Услов за да се положи предметот беше да се направи долга епска творба. Бидејќи јас таа година го имав објавено романот „Слана“, тогаш ми остана само да го искористам моето знаење од литературата.

Неодамна излезе од печат вашето најново дело насловено „Девојката од автобусот“. За што конкретно станува збор?

– Во „Девојката од автобусот“ станува збор за шест трагачи, кои постојано талкаат по личноста на својот живот. Некој по детето, некој по саканиот, некој по таткото… Главните ликови одат на различни страни и по игра на судбината, се случува сообраќајна незгода со автобусот по пат кон аеродром и ги мешаат билетите. И двајцата не стигнуваат навреме на лет. Им се случува трагедија поради луѓето кои ги чекаат на пропуштената дестинација. И двајцата кај нив имаат нешто свое – а тоа се паричниците и нивните животи. Поради тоа судбината им е однапред напишана да мора да се сретнат повторно. Станува збор за весела приказна во Македонија и Турција, многу сплетки, интриги, хумор, но и романса.

Освен што се занимавате со пишување романи, вие сте и дипломиран наставник по македонски јазик. Покажуваат ли учениците интерес за читање книги и на кој начин ги инспирирате да покажат позитивни резултати по македонски јазик?

– Има многу ученици кои читаат книги и мислам дека тринаесет-четиринаесет години се клучни години кога тие ја стекнуваат навиката за читање. Среќен сум што и на училиште имам „другари“ со кои можам да разговарам и на таа тема. Токму во овој период им се оформува и стилот на пишување, се збогатува вокабуларот, учат за јазични правила… На часовите често разговараме за омилени книги, жанрови… Го сакаат јазикот колку што ја сакаат литературата преку творење, преку мои, но и нивни авторски експерименти кога на часовите имаме писмена вежба на тема што тие си ја задаваат сами. Само тогаш може да видиме колку тие го познаваат јазикот, колку се начитани и колку умеат да направат приказна слична на тоа што го читаат. Сакаат да знаат за мојот пат, за тоа, дали е убаво чувството кога гостувам по медиуми…

Кој е вашиот став во однос на младите читатели во земјава, колку им даваат простор на домашните автори и какви жанрови на книги најмногу се читаат?

– Работам во најголемиот синџир книжарници „Литература.мк“ веќе неколку години и покрај тоа што сум автор во „Арс Ламина“ пет години. Интересно е тоа што последниве неколку години помладата публика веќе знае што сака да чита и влегува во книжарница со веќе оформен стил и вкус. Тргнувам од нив, бидејќи тие се основата на читателската публика. Честопати добивам пораки од луѓе кои воопшто немале навика да читаат книги поради обврски, семејство итн., но сега имаат време да прочитаат книга, без разлика дали е електронска или печатена. Само поради овој момент има нешто позитивно во ковид-ситуацијава, а тоа е дека имаме повеќе време за себе и за релаксација.

Кои се вашите идни планови, имате ли во најава некое ново дело?

– Неколку месеци работам на книги што ќе бидат жанровски различни, но сè уште е рано за тоа. Потребни се години работа за еден таков проект да биде остварен. Веќе имам нов роман, кој цела 2021 година чека да биде промовиран, а тоа е „Девојката од автобусот“.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/01/2022 10:17