Натпреварот од 14. коло од македонското кошаркарско првенство меѓу Феникс 2010 и Пелистер, кој требаше да се одигра в недела, е одложен поради заразени играчи со коронавирусот во редовите на домашната екипа.

Комесарот за натпреварувања при Кошаркарската федерација објави дека поради четири заразени кошаркари во редовите на Феникс, дуелот е презакажан за трети март.

Викендов на програмата се преостанатите пет натпревари од 14. коло, од кои четири ќе се одиграат во главниот град.

Кошаркарите на Ангели, мотивирани по првата прволигашка победа, ќе го пречекаат Работнички, додека Навико Академија ФМП ќе му биде домаќин на Кожув.

ТФТ ќе ги одмери силите со Куманово 2009, додека актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром е домаќин на Еуро Никел 2005.

Единствената средба надвор од главниот град ќе биде пресметката помеѓу Гостивар и МЗТ Скопје Уни Банка.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/01/2022 13:42