Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Дарко Радуловиќ како голем проблем за неговиот тим ги нагласи многуте изгубени топки на двата последни натпревара во АБА 2 лигата.
Аеродромци синоќа против Подгорица имаа 21 изгубена топка, но за нивна среќа го добија натпреварот со поените на Адем Мекиќ на две секунди пред крајот.
– Овие три дена одигравме два инфарктни натпревари. Од Сутјеска изгубивме меч кој повеќе заслуживме да го добиеме , отколку овој со Подгорица. Имаме проблем со изгубени топки. На два натпревара имаме 42 изгубени топки, нешто што е недозволиво за шампионска екипа. Тоа мора да го решиме. Имавме проблем и со скокот. Сумарно, проблем ни се изгубените топки и ако тие грешки ги намалиме ќе бидеме подобри. Добро е што победивме. Сега среќата беше на наша страна. Таква е кошарката, истакна Радуловиќ.
Следниот натпревар, последен од „балонот“ во Бања Лука, МЗТ Скопје ќе го игра на 12 февруари против Војводина.
Со седум победи и два пораза „сино-белите“ од Аеродром се на 2. место на табелата во втората по квалитет регионална кошаркарска лига.