Македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ кој повторно е дел од националниот тим оптимистички гледа на вечерашниот дуел со Грузија во квалификациите за пласман на Светскиот Куп 2023 година.
Членот на шпанската Валенсија одработи неколку тренинзи, прво индивидуални, а потоа, по враќањето на тимот од Тбилиси, и „колективни“, па може да одговори на обврските кои ги носи еден ваков квалификациски натпревар.
– Претходните два-три дена правев третмани, се чувствувам многу подобро и подготвен сум да ѝ помогнам на репрезентацијата на натпреварот со Грузија. Мислам дека ќе биде различен меч од оној во Тбилиси. Играме дома, еве и јас можам да помогнам и се надевам на тотално поинаков развој на настаните. Сите веруваме во подобар исход, а атмосферата во тимот е најважна во вакви ситуации. Познато е дека Мек Фејден и Шермадини, неколку години играат на сериозно високо ниво во шпанската лига. И јасно е дека тие се најсилна страна на грузиската репрезентација. Затоа и ќе се обидеме да ги запреме колку е тоа возможно. Верувам дека можеме, истакна Димитријевиќ за веб-страницата на КФСМ.
Натпреварот е закажан за вечер со почеток во 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Вториот меч од 4.коло во Г-групата, Украина-Шпанија е одложен поради воената ситуација во земјата каде требаше вечерва да се игра тој натпревар.