Завршниот турнир од НЛБ АБА2 лигата, чиј домаќин од 13 до 17 април ќе биде МЗТ Скопје Аеродром, ќе има хуманитарен карактер, а продажбата на влезниците за сите средби ќе оди преку фондацијата „Марко Божиновски“, која потоа ќе ги пренасочи собраните средства онаму каде што е најпотребно.

-На тој начин нашиот клуб, заедно со општина Аеродром, уште еднаш ќе му оддадеме почит на нашиот голем навивач и кадетски и јуниорски ракометен репрезентативец на Македонија, кој неочекувано почина пред 10 месеци, соопшти попладнево МЗТ Скопје Аеродром.

Планирано е да има блок билет, кој ќе чини 300 денари со важност за целиот турнир, како и поединечен билет за секој натпревар по цена од 100 денари. Цените се симболични, но доволни од целиот турнир да се собере солидна вкупна сума, која и тоа како ќе биде помош за тие на кои им е неопходно, а на кои ќе им биде пренасочена од луѓето од фондацијата „Марко Божиновски“, се посочува во клупското соопштение на актуелниот кошаркарски првак.

Продажбата на билетите почнува в четврток, а ќе можат да се купат преку интернет-сајтот www.mktickets.mk, продажните места на МК Тикетс, како и на билетарницата пред спортскиот центар „Јане Сандански“.

Поранешниот македонски кадетски и младински ракометен репрезентативец Марко Божиновски почина во сон на 3 јуни минатата година, кратко време по прволигашкиот натпревар на кој настапи во дресот на Бутел против Еурофарм Пелистер 2



Автор: Администратор
Објавено на: 07/04/2022 01:51