Комесарот на најсилната кошаркарска лига на светот – НБА, Адам Силвер, им изјави на новинарите дека се разговара дали да се задржи експерименталниот плејин турнир по оваа сезона.
Тој истакна дека форматот за играње може да се промени, но изрази уверување дека ќе остане.
– Мислам дека плејинот ќе стане составен дел од лигата, но се размислува и за други опции, меѓу кои и прилагодување на актуелниот распоред со 82 средби во регуларниот дел. Друг начин да се постигне ова е да се создадат дополнителни стимулации. Плејин беше првиот чекор во создавањето поттик за тимовите да останат конкурентни со поголеми шанси да се натпреваруваат за место во плејофот. Новите стимулации можеби се поврзани со сезонски турнири и промени во форматот, рече Силвер.
Плејинот им овозможува и на деветто и десетто пласираните екипи по основниот дел од сезоната во Западната и Источната конференција, преку дополнителни натпревари да обезбедат учество во плејофот, односно да разигруваат за шампионскиот трофеј. Претходно по регуларниот дел од сезоната, само првите осум ги продолжуваа натпреварите во следната фаза.