Женскиот сениорски тим на кошаркарски клуб Крива Паланка со синоќашниот пораз од ЖКК Бадел 1862, Скопје на домашен терен ја заврши полуфиналната серија, а со тоа ја заврши и сезоната 2021/22 во Првата женска кошаркарска лига. Со победата гостинскиот тим оствари резултат од 2:0 во серијата и се пласира во финалето кадешто се среќава со ЖКК Баскет Кам од Македонска Каменица.
-Одигравме блед и некаракатеристичен натпревар за нас, а гостите беа расположени за надигрување и сосема заслужено се пласираа во финалето.Честитки за тимот на ЖКК Бадел 1862 и им посакуваме среќа во финалето. Нашиот клуб веќе втора сезона по ред е во друштво на најдобрите четири екипи во женското прволигашко национално првенство, што е голем успех не само за клубот, туку и за градот.Целта е остварена, пласман меѓу најдобрите четири. Амбициите за следната сезона се повисоки, а плановите уште поголеми, изјави претседателот на клубот и тренер на КК Крива Паланка, Ведран Белешковски.
Упати честитки за сите девојки кои настапуваа во сениорскиот тим на КК Крива Паланка.
-Овие млади девојки на возраст од 16-17 години кои се дел од сениорскиот тим,а се исклучиво од нашата кошаркарска школа, с наша гордост. Благодарност и до капитенот Ѓоргиевска,која го носи искуството на теренот, но и до двете одлични кошаркарски засилувања Вујадиновиќ и Вуловиќ, кои заедно со младите талентирани девојчиња од сениорскиот состав го носеа тимот до полуфиналето. Огромна благодарност до сите што не поддржуваат и што се дел од нашето големо кошаркарско семејство „Тим Крива Паланка”: ГДР Компани, СЕМОС Едукација, Студенац Шпед, Пани Маркет, Лидер МБ, Етно гостилница Воденица 3, Селект кафе, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски и ТАКТ, дополни Белешковски.
Упати благодарност и до публиката за огромната поддршка во текот на целата сезона, која, рече, ги следеше во ритам и беше шести играч на теренот.