Кошаркарите на Голден Стејт се пласираа во финалето на Западната конференција во разигрувањето за титулата во НБА лигата, откако синоќа пред своите гледачи го совладаа Мемфис со 110-96, додека Бостон се избори за седми натпревар со триумф на гостински терен над Милвоки (108-95).

Најзаслужни за шестото конференциско финале на Голден Стејт во синоќешниот триумф беа Клеј Томсон со 30 и Стеф Кари со 29 поени.

Противник на Голден Стејт во конференциското финале ќе биде победникот од серијата меѓу Феникс и Далас. Решавачкиот седми натпревар се игра в недела, а домаќин е Феникс.

Предност од домашен терен во седмиот натпревар, кој е на програмата в недела, ќе има и Бостон, кој предводен од Џејсон Тетјум (46 поени) израмни во серијата против Милвоки (3-3).

На Милвоки не му помогна ниту одличното издание на Јанис Антетокумпо, кој натпреварот го заврши со 44 поени и 20 скокови.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2022 10:57