Пелистер ќе игра против МЗТ Скопје Аеродром во финалето од разигрувањето за шампионската титула во Првата македонска кошаркарска лига, откако вечерва на домашен терен триумфираше во третиот решавачки натпревар од полуфиналната пресметка против Еуро Никел со 91-83 (42-38).

Победникот во мајсторката во Битола беше одлучен во завршните десет минути, во кои гостите од Кавадарци влегоа со минимална предност од 64-62, но домашните кошаркари ја отворија последната четвртина со серија од 8-0 за водство од шест поени кое не го испуштија до самиот крај.

Најефикасен во редовите на Пелистер беше српскиот интернационалец Кесар со 25 поени, потпомогнат од неговиот сонародник Малешевиќ, кој натпреварот го заврши со 17 поени.

Пласман во финалето од претходно обезбеди бранителот на титулата МЗТ Скопје, кој во полуфиналната серија го елиминира градскиот ривал ТФТ со максимални 2-0 во серијата до две победи.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2022 22:38