Црвена ѕвезда поднесе жалба до надлежните во регионалната кошаркарска АБА-лига поради инцидентите што се случија на третиот натпревар на гости во финалната серија против Партизан.

– По целиот хаос од третиот натпревар од финалната серија, ние нема да молчиме. Милиони навивачи на нашиот клуб, но и на кошаркарската јавност беа принудени да гледаат немили сцени, експлозии, хаос, навреди кон играчите и исмејување на нашата делегација, плукање, фрлање запалки, мобилни телефони, стаклени шишиња. Условите во арената го оневозможија одржувањето на нормален кошаркарски натпревар. Кон судиите беа фрлани предмети. Салата беше за речиси 1500 луѓе повеќе од нејзиниот максимален капацитет. Ова резултираше со голема кондензација и лизгав паркет. Црвена звезда бара јавно да ни кажат дали ние самите сме „должни“ да му ја доделиме титулата на најголемиот тренер (Жељко Обрадовиќ) и дали треба да го издржиме она што нормален човек едноставно не може да го поднесе? Овој тричасовен хаос започна за нас уште пред почетокот на натпреварот, стои во соопштението на Црвена ѕвезда.

Третиот меч од финалната серија на една минута пред крајот беше во подолг прекин (околу 20 минути) поради инцидент во кој беа вклучени гледачи и судија. Црвена ѕвезда е казнета со 62.500 евра за однесувањето на навивачите на првите два меча од финалната серија против Партизан.

Вчерашниот натпревар го доби Партизан со 70:67 и намали на 1:2 во финалната серија.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/06/2022 12:28