Во рамки на програмата на фестивалот за критичка култура – КРИК, вечер ќе се одржи поетско читање како и одбележување на двотомното издание на преводот од француски на англиски јазик на книгата на Нејтан Браун, „Сенката на Бодлер-Есеј за поетската определба“.

Исто така, како што најавија од фестивалот, ќе биде промовирано и придружното издание на анализата на преведувачот Џед Расула. Станува збор за заеднички издавачки меѓународен проект на Мултимедијалниот институт од Загреб и Контрапункт од Скопје. Настанот ќе се одржи во предворјето на Даут пашин амам, а за изданието ќе говори Петар Милат од Хрватска.

-Централна, неизбежна противречност се провлекува низ Цвеќињата на злото: да се биде одлучен значи да се одреди. Во Бодлеровата сенка, Нејтан Браун го разјаснува и теоретизира овој дијалектички проблем на определување кој се проткајува низ духовните, сексуалните, метафизичките, социјалните и естетските драми на обемот на Бодлер. Комбинирајќи блиска формална анализа на одредени песни со синтетичко разбирање на книгата како целина, притоа развивајќи филозофски пристап способен да се справи со нејзините сложени иронии, Браун ги проучува фигурите на посредување низ поглавјата фокусирани на смртта, празнината и актуелноста на општественото, вели професорот Браун.

Нејтан Браун е вонреден професор по англиски јазик и истражувач од Канада, кој ја води катедрата за поетика на Универзитетот Конкордија, Монтреал, каде што раководи со Центарот за проширена поетика. Автор е на три книги „Сенката на Бодлер: Есеј за поетската определба“, „Рационалистички емпиризам: теорија на спекулативна критика“, и „Границите на изработката: наука за материјали, материјалистичка поетика“.

Инаку, синоќа, во Сули ан се одржа настанот „Гозба или за љубовта” концептуален, перфромативен дијалог, во духот на Платоновите симпозиуми, каде што Елизабета Шелева, Славчо Димитров, Никола Маџиров, Владимир Јанковски, Петар Милат од Хрватска, Милица Пекиќ од Србија и Ивана Хаџиевска и Артан Садику со храна и пијалок заедно со публиката говореа за нивните сфаќања за демократија и слободата во 21 – век.

КРИК – фестивал за критичка култура е платформа која се застапува за афирмација нa уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/06/2022 14:16