Визуелниот уметник од САД, Пол Ванг вечерва во Галеријата „КО-РА“ во Скопје ќе ја отвори својата изложба насловена „Природата на математиката“ што содржи дигитални принтови, фотографии и проекции.
Воедно, уметникот иницира и интерактивен перформанс – ликовна изведба во интеракција со публиката.
Пол Ванг е роден 1964 година. Дипломирал на Универзитетот Беркли во Калифорнија, САД. Магистрира на Прат Институтот.
Познат е по големите холивудски продукции – филмски хитови на кои имаше повеќе ангажмани, како одговорен за визуелни ефекти. Добитник е на највисоката награда за визуелна надградба на сликата на Фестивалот „Имагина“. Неговата специјалност се анимации, дигитално синтетизираните слики и уметноста за деца.
Во Македонија беше во време на снимањето на филмот „Миротворец“ чиј продуцент беше прочуениот Бранко Лустиг, со Џорџ Клуни и Никол Кидман. По тој повод се запозна и со кураторот на овој проект Игор Поп Трајков кој е и иницијатор на ова значајно гостување.