На плоштадите Илирија во Тетово (11:00) и во Гостивар (15:00) денеска ќе биде поставена „Изложба без име“ на Центарот за Еднакви Можности „Бубамара“.

Пораката на изложбата што вчера беше поставена во Старата скопска чаршија е „Насилниците имаат имиња и треба да бидат казнети“.

Целта на оваа изложба е преку илустрации на уметникот „Рехатлику“ да се истакне малтретирањето со кое се соочуваат девојките на социјалните мрежи, бидејќи денес интернетот создаде „безбеден“ простор за насилниците, кои понекогаш избираат да останат анонимни или малтретираат со лажни профили.

– Преку оваа изложба имаме за цел да ја иронизираме реалната состојба со пренесување на пораката преку уметноста до насилниците, државните институции, но и самите девојки и жени. Видовме колку несериозно полицијата кај нас ги третира пријавите на девојки за малтретирање на социјалните мрежи. Премногу често им се кажува дека нема да бидат известени за името на насилникот дури и ако го најдат или му дадат неточни информации. Девојките треба да сфатат дека виновникот е секогаш насилникот, а не жртвата. Целта ни е да ги поттикнеме жените и девојчињата да пријавуваат вознемирување на социјалните мрежи, изјави Рита Бехадини од „Бубамара“.

Професорката на Правниот факултет Арта Селмани-Бакиу вели дека и покрај недовербата во институциите, девојките се уште мора да ги пријавуваат случаите на вознемирување.

– Првата врата каде што треба да се обратат девојчињата во ситуации на сексуално вознемирување и друго вознемирување е Министерството за Внатрешни Работи. Точно е дека има недоверба таму каде што институциите не си ја вршат работата за која се. Треба да се работи многу во оваа насока за девојките првично да не се плашат туку да ги пријават овие случаи. Мора да има конкретни кривични дела со кои девојките ќе бидат заштитени од сексуално вознемирување во мрежата, рече Селмани-Бакиу.

Оваа активност беше реализирана како дел од кампањата „SEEN“, во рамки на проектот „Млади градови“, поддржан од Институтот за стратешки дијалог – ИСД во соработка со Democracy Lab и Центар за млади и заедница – Гостивар.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2022 09:15