Книгата „Јазикот е чудна ѕверка“, чиј автор е новинарката Марина Костова, денеска беше промовирана и пред штипјани. Авторката посочува дека станува збор за хибридна збирка, во која има повеќе жанрови, кратки лични истории, кои се создавале во период од 20 години.

-Книгата е една хибридна збирка како јас што ја викам, затоа што содржи жанровски различни делови. Содржи кратки лични истории, рецензии за филм, есеи, интервјуа, куси записи и настани во еден период од да речеме 20 години, со тоа што кусите лични истории кои личат на прозен запис настанаа за време на ковид кризата. Често кога размислува што всушност ги поврзува овие жанровски делови заклучувам дека тоа е меракот за текст, односно мерак за пишување, читање и размислување за јазикот, вели Костова.

За време на пандемијата Костова одлучува нејзините сеќавања и идеи да ги стави на хартија.

-Мене ми дојдоа да речеме некои сеќавања од некој живот поранешен, но тие се вообликуваа во текст. Откако почнав да си ги повторувам, некои реплики кои сум ги запамтила како дете како на пример „Момичко не ги влечи пандуфите“ и слично. Тоа се реплики кои сум ги запамтила затоа што се врзани за некакви конкретни моменти и кога се сетив на тие реплики почна да се формира и таа визуелна слика и некако лесно беше тоа да се запише, просто како запис, вели Костова.

Марина Костова е филмски критичар и новинарка, нејзините текстови, рецензии се читаат во еден здив, од првиот до последен збор. Ова е нејзина прва книга од ваков тип, претходно била уредник на две изданија на Милчо Манчевски. Книгата е достапна во кафе книжарницата „Арт” во Штип.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2022 21:16