Со изложбата на уметничките дела создадени на годинашната Меѓународна ликовна колонија „Св.Јоаким Осоговски” синоќа официјално беше затворено 36-то издание на оваа колонија.

Изложените дела се работени една недела со главни мотиви просвета и култура.

-На оваа интернационална колонија учествуваа тринаесет автори од седум балкански земји: Бугарија, Албанија, Романија, Србија, РС Македонија, како и од Турција и Шведска. Авторите твореа под мотото „Балкански пријателства”, а широката тематска рамка беше насловена просвета и култура, мотивација од канонизацијата на св.Јоаким Крчовски што се случи пред еден месец. Тематскиот пристап не го ограничуваше творечкиот пристап на авторите. Еден дел од делата ја носат во себе инспирацијата и возбудата од манастирскиот сакралиум и недопрената манастирска природа во окружувањето, изјави координаторот на Меѓународната колонија, Јордан Михајловски.

Колонијата е традиционална и ја збогатува со децении културната понуда на градот и државата, се реализира со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија, локалната самоуправа на Општина Крива Паланка и Градскиот музеј, со поддршка и во соработка со Кумановско-осоговската епархија.

– По пандемијата, сега повторно е постигната културна комуникација на Балканот, која покрај создадените дела во контекст на современите видувања во уметноста, демонстрира поддршка на заедништвото, мирот и европските вредности. Изложбата ќе биде претставена и во други градови од државата, порача Михајловски.

Изложбата е дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето 2022″.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/06/2022 12:50