Во Библиотеката „Гоце Делчев“-Штип беше промовирана книгата „Верба, надеж, љубов“ од Анка Денкова. Авторката не пишува, туку само го запишува она на што ја учи животот, сакајќи да го пренесе „лајтмотивот“ на постоењето.

-Станува збор за нешто во што веруваме, нешто во што сме верувале и што ќе ни дава сила и моќ за понатаму. Не ја потенцирам важноста за секојдневието, но сакам да придонесе за едно убаво спокојно чувство и емоции кај секој што би ја прочитал, а предлагам добро читање и пред се’ да се пронајдат во стиховите. Благодарам што има посетеност од луѓе коишто ми значат и мислам дека како што ги имам своите емоции и сум ги градела низа години досега, така секој ќе го разбере тоа и ќе се пронајде во него, вели Денкова.

Рецензентки и промоторки беа Дајана Денкова, проф. Јованка Шалева и доц. д-р Милена Ристова-Михајловска, кои за стихозбирката велат дека е синестезија на поуки, упатства, совети за посреќен живот, за испливувања од тагите и одење кон радостите.

-Инспирацијата е повик, повикот е дар, дарот е цвет, цветот треба да се чува и да се негува за од него да премине расцут или дело. И тука цветот ја носи клучната симболика како розата на Малиот принц, како цветот во истоименото дело што едновремено и под стаклено ѕвоно се чува и вреди светот да ја види, вели Ристова-Михајловска.

Ова е седмо дело во едицијата ,Бисери’ на издавачот „Академија еуроарт“. Промоцијата е реализирана во склоп на проектот „Француски учиме, македонски читаме – култура спојуваме и развиваме“.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2022 15:24