Во билиотеката „Искра“ во Кочани се одржа пригодно предавање со кое сe одбележа јубилејот – 70 години од снимањето и премиерното прикажување на првиот македонски игран филм „Фросина“.

Настанот беше дел од годишната програма за одбележување значајни датуми од културно-историското и материјалното наследство во државата, организиран во соработка со Кинотеката на Северна Македонија.

Преку изложба на фотографии и стручен библиотечен материјал поврзан со снимањето, за филмот и неговото значење за македонската кинематографија зборуваше Сунчица Веселиновска, виш филмолог во Кинотеката.

– Филмот „Фросина“ премиерно бил прикажан на 28 јуни 1952 година. Снимен е во црно бела техника, а за првпат пубилката го видела во скопското кино „Култура“. Тој е со социјална тематика, отсликувајќи го печалбарскиот живот во периодот на Втората светска војна и загубата на една мајка која останува без синот единец. Кинотеката грижливо ги дигитализира старите македонски филмови, за да бидат што подостапни до публиката и да го заштитиме националното аудиовизуелно наследство. Воедно, преку изложба на фотографии од филмот сакаме да ја потсетиме публиката на впечатливите кадри кои ги отсликуваат ликовите на Фросина, Климе, Љуба, Крсте и сите други, истакна Веселиновска.

Од библиотеката „Искра“ нагласија дека со одбележувањетто на јубилејот на првиот македонски долгометражен филм, институцијата се приклучува кон валоризацијата и поддршката на домашното културно наследство.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/06/2022 14:11