Проектот „Поврзување“ и изложбата „Слобода?!“ во негови рамки вечер ќе бидат претставени првпат во бугарскиот град Ловеч во организација на КИЦ на Република Македонија во Софија и Уметничката галерија „Проф. Теофан Сокеров“.

Оваа групна изложба на 15 современи македонски и бугарски ликовни уметници претходно премиерно беше претставена во Созопол.

Со ова гостување се продолжува реализирањето на целта на проектот, поддржан од Министерството за култура, да бидат претставени новосоздадени ликовни дела на современите уметници, како и да се поврзат ликовните сцени од двете земји, информираат од КИЦ на Република Македонија во Софија.

Во составот на изложбата се делата на уметниците од неформалната група Конекција, кои се од Македонија, но живеат и работат во Софија, Бугарија: Перица Георгиев – Пепси (Скопје), Марјана Иванова (Виница), Зоран Мише (Охрид), Иво Пецов (Виница), Павел Целкоски (Охрид) и Марјан Ѕингаров (Струмица). Опфатени се и делата и на ликовните уметници и професори од факултетите за ликовна уметност во Македонија: Беди Ибрахим (Скопје, ФЛУ), Јован Шумковски (Скопје, ФЛУ), Катерина Деспот (Штип, УГД) и Срѓан Микиќ (Скопје, IBU).

Со своите македонски колеги изложуваат и бугарските ликовни уметници и професори од Националната ликовна академија во Софија: Георги Јанков, Нина Русева, Свилен Стефанов и Васил Колев. Свое учество има и уметницата Марија Алексиева од Бургас, посочуваат од КИЦ на Република Македонија во Софија.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/06/2022 09:54