Со доделување на наградите за најдобрите доцна синоќа беа спуштени завесите на 21. издание на фестивалот „Албански театар во Македонија“, кој традиционално се одржува во Центарот за култура во Дебар.

На ова издание триумфираше Националниот театар од Приштина освојувајќи три главни награди. Претстава „Муслимани“ во режија на Енвер Петровци беше прогласена за најдобра. Петровци и актерката Влора Никчи, од истиот театар, се закитија со наградата „Ќемал Ајдини“ за најдобар актер и актерка.

Стручното жири кое го предводеше Бујар Капеџиу, наградата „Сулејман Питарка“ за најдобра режија одлучи да му ја додели на Куштрим Бектеши за претставата „Граѓанинот благородник“ во изведба на тетовскиот Театар, која беше изведена, како последна синоќа, пред доделување на наградите. Бектеши и на минатото, јубилејно издание, ја доби награда за најдобра режија за претставата „Пролетно будење“.

Во седумте фестивалски дена пред дебарската публика се претставија театри од Македонија, Косово и од Албанија.

Одржувањето на манифестацијата со 1,4 милиони денари ја поддржа македонското Министертво за култура и со поддршка од локалната власт на Дебар, како и неколку компании и поединци.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2022 10:27