Во библиотеката „Кочо Рацин“ на Националната установа Центар за култура Крива Паланка беа промовирани две книги со песни од поетесата Лила Тодоровска.
Тодоровска е членка на литературниот клуб на поети и читатели „Калин“ кој работи во рамки на оваа установа.
Рецензент на книгите со осврт на песните од „Валавица” беше роднокрајната авторка Оливера Станковска.
– Иако се песните поместени во книга што за првпат се печати, како книжевно првенче на Тодоровска, изобилството од емоции, тага,болка, осаменост, разочарување, па преку разните циклуси: надеж, светлина и искри на нова, поинаква животна радост – љубов кон потомството, ја вбројува во редот на авторки кои говорат од срце за расположението на срцето и душата. Песните една по друга ни носат многу чувствителни моменти од нејзините : детство, младост, зрелост, рече Станковска.
Тодоровска во нејзината втора стихозбирка „Бабините булки” ги опева по име и со бројни епитети и украсни фигури нејзините пет внуки и внуци, на кои им ја посветила книгата, а тие самите ги прочитаа песните кои го носат нивното име.
Лила Тодоровска е и текстописец на детски песнички, а годинава освои втора награда од жирито и публиката на фестивалот „Радика фест 2022″.