Културно-уметничкото друштво „Дуфла“ од Рашче, Скопје, е добитник на Гран при наградата на годинашниов 48 Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, а младиот гајдаџија Бобан Анакиев од Кочани ја доби Гајдата на Пеце за најдобар изведувач.
Фестивалот додели и статуетки за најуспешен настап на фолклорни групи и поединци. Настапите ги следеше оценувачката комисија од еминентни етномузиколози: Родна Величковска, Стојанче Костов и Горан Василески.
Фестивалот се одржа на 1 и 2 јули во Прилеп и на Рудина кај Долнени. Настапија околу 300 изведувачи на изворниот мелос од сите краишта на Македонија, а пристигнаа и гости од Србија.
Во рамки на фестивалот се одржаа 12 семинар за изучување на народните инструменти и песни на кој учествуваа 10-тина млади вљубеници во фолклорот и четвртиот симпозиум за „Фолклорот во минатото и денес“.