Македонската машка кошаркарска репрезентација загуби вечерва во Скопје од Украина со 73-68 и со пораз ги заврши квалификациите за пласман на Светското првенство во 2023 година.
Украина допатува во Скопје во улога на фаворитот и така и го започна натпреварот остварувајќи предност по првата четвртина од 35-21, а предноста во вториот период се искачи на 47-30.
Уследи период на подобра игра на „црвено – жолтите“ и серија од 14-0 за намалување на негативата на 54-57 пред стартот на последната четвртина.
На 100 секунди пред крајот на натпреварот, Македонија преку Јакимовски не успеа да реализира за три поени со што пропадна и последната шанса за резултатски пресврт.
Избраниците на селекторот Драган Бајиќ претрпеа шест порази во дуелите со Шпанија, Грузија и Украина и ги завршија мундијалските квалификации на последното место во групата Г.