Книгата поезија „Две Д“ од поетесата Милица Димитријовска – Радевска ги буди универзалните аспекти од човековиот живот, не принудува да се навраќаме и да препрочитуваме за да не фати во мрежата на новиот модернистички живот, точно во моментот кога не сакаме да слушаме, истакна промоторката Елизабета Јончиќ.

-Најновото авторско дело на Димитријовска – Радевска, книгата „Две Д“, издание на „Битолски книжевен круг“ е скроена во убава и разбирлива рефлексивна лирика, длабоко поетична и структурирана низ еден филозофско – методичен начин, стилски и јазично доследна, интензивна и прониклива, обоена со алтруистичка динамика, оваа книга поезија станува читанка за подучување, теорема на животекот, алегорија на смислата во животниот растек, посочи Јончиќ.

Фактот што книгата е насловена „Две Д“ упатува на двојност. Содржинска двојност што упатува на секогаш повеќе, или уште еднаш толку, повторено два пати. Каде ја пронаоѓаме среќата? Убава е пораката што ја пее поетесата, „прави го тоа што најдобро го знаеш/, уживај во тоа што ти пее срцето/ сè друго е измама/ сè друго е илузија“. Бидејќи „огнен е патот на реториката/ и зборот има мерка знајна/ заверена во срцето.“ Среќата е во душа разиграна, раце раширени за прегратка, сопки, препнувања, паѓања и издигнувања, не смееме да бараме ништо повеќе.

Иако збирката на Милица Димитријовска – Радевска не е поделена на целини, при читањето се издвојуваат две, првата половина содржи дваесет песни со силна лирска доминантност на информација, а во вториот дел од збирката има 31 песна со помеки и покревки лирски елементи кои граматички и семантички се збиени, со заеднички фонолошки составни целини.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2022 11:27