Мултимедијален проект на ликовниот уметник Иванчо Талевски, насловен „Пресек: Дама со девет камења“, вечер ќе биде претставен во галеријата Чифте амам. Во центарот на овој проект се две збирки цртежи и нивното просторно осмислување. Почнувајќи од 2015 година, при неговите чести патувања помеѓу Битола и Филаделфија, САД, авторот Талевски со своите цртежи изработени со јаглен ги бележи времето и просторот преку претставување реакции од различни искуства, општествени процеси, феномени, случки и локации.
Како што наведува Националната галерија во најавата на изложбата, Талевски преку цртеж, графички техники, проекции и звук го елаборира и комплицира поимањето на минатото како материјал со цел да евоцира прашања од индивидуалната и колективната меморија, историја и припаѓање, нивното бележење, опстојување и бришење.
-Паралелно со овој циклус негови цртежи, Талевски во форма на дијалог презентира едно свое долгогодишно истражување на изгубените 235 цртежи на собирачот на фолклорно творештво Марко Цепенков. Освен што бил кројач, Цепенков патувал низ многу села и градови низ земјава и не само што запишувал усни преданија од различен карактер туку и изработувал цртежи, кои претставуваат редок пример на профан ликовен израз од ваков карактер од тој период во регионот. Цртежите од Цепенков изобилуваат со прикази на разни видови музички инструменти, дијаграми за детски игри, алати, алишта и обредни орудија. Интерпретацијата и третирањето на архивските материјали од Цепенков се претставени преку една долгогодишна соработка, односно еден дијалог на Талевски со музичарот и композитор Васко Дуковски, кој живее и работи во Шангај. Преку свои исцртани музички нотации базирани врз избрани цртежи од Цепенков, Дуковски презентира звучен материјал, кој во соработка со Талевски е дел од аудиоинсталација која ќе биде претставена како дел од овој проект, соопшти Галеријата.
Фокусирајќи се на изгубените цртежи на Цепенков, нивното значење, историја и потенцијална интерпретација, Талевски и Дуковски се стремат кон проучување на звукот и цртежот, третирани како медиуми за еден генеративен и имагинативен процес на интерпретација на минатото, која се манифестира во аудиовизуална интервенција.
Иванчо Талевски е мултидисциплинарен ликовен уметник и професор кој живее и работи на релацијата меѓу Битола и Филаделфија. Во своето творештво користи стратегии на цртеж, графика, сликарство, звук и инсталации со цел да евоцира прашања од политички состојби фокусирајќи се на теми како што се индивидуалната и колективната меморија, припаѓањето, носталгијата, историјата и границите, нивното постоење, опстојување или бришење.
На отворањето на изложбата ќе се обрати директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими. Изложбата ќе биде отворена до 30 јули 2022.