Најплатениот играч во НБА-лигата, Демијан Лилард, смета дека Мајкл Џордан е најдобриот кошаркар на сите времиња.
Лилард кој вчера со Портланд потпиша двегодишен договор „тежок“ 122 милиони долари, објасни зошто Џордан е најголемиот играч во историјата.
– Мајкл Џордан е посебен. Во историјата на лигата немаше таков како него на теренот. Никој не ги заведуваше навивачите како него. Леташе, го дриблаше противникот, забиваше, шутираше надвор од гравитацијата, лебдеше во воздух, сето тоа е Џордан. Мислам дека нема многу сомнеж за тоа кој е најголемиот играч во историјата. Леброн е дефинитивно еден од кандидатите, но мислам дека мнозинството е за Џордан, изјави Лилард.
Џордан во 15-те сезони одиграни во НБА-лигата, освои шест шампионски трофеи со Чикаго булс, петпати го доби признанието МВП, а десет пати беше најдобар стрелец во лигата.